Кошничка

Имате 2 информации во вашата кошничка за печатење


Македонското литературно друштво „Кочо Рацин“ и организацијата за личен развој „ Да се живее поинаку“, и двете од Мелбурн, Австралија, на 20-ти Мај 2021 година, во прекрасната сала на библиотеката во Мил Парк, Мелбурн, организираа несекојдневен настан – промоција на две книги на македонски јазик од брачниот пар Д-р Снежана и Д-р Емил Попорданоски од Мелбурн. Книгите што беа промовирани се најновата мотивациска книга за личен развој „Да се живее поинаку - Патување кон самореализацијата“ од авторката Д-р Снежана Џамбазова –Попорданоска и уникатната збирка на љубовна поезија „Во прегратките на љубовта“ од Д-р Емил Попорданоски. Во присуство на бројни гости, претставници на Македонската Православна Црква, Македонскиот конзулат во Мелбурн, членови на МЛД „ Кочо Рацин“, пријатели, поддржувачи и љубители на македонскиот пишан збор, за книгите зборуваа претседателката на МЛД „ Кочо Рацин“ писателката Гордана Димовска, новинарката Дијана Пупалевска-Мицалевска и двајцата автори. За првата книга „ Да живее поинаку – Патување кон самореализацијата“, меѓу другото, г-ѓа Димовска истакна дека “ оваа книга претставува неопходен водич кон стекнување на духовна мудрост, себеспознание и автентична среќа. Во суштина, оваа книга ја обработува човековата свест на еден разбирлив и уникатен начин, објаснувајќи ја врската помеѓу нивото на индивидуалната свест и нивото на човековата среќа. Поточно, книгата детално ги истражува сите нивоа на човековата свест, започнувајќи од најниското ниво на свест– нивото на срам, до највисокото можно ниво на свест–а тоа е нивото на просветлувањето“. Потоа, во своето обраќање, самата авторка истакна дека, читањето на книга за личен развој е исто како да одите на патување со авторот како ваш водич. Во текот на ова возбудливо патување кон вашето себе- спознавање, мојата намера е да разберете дека животот може и треба да се живее поинаку. Ова сознание ќе ви помогне да ја спознаете вистината за себе, за она што навистина сте, како и за сето она што можете да постигнете во животот. Просветлени со ова сознание, ќе можете да го креирате највозвишеното издание од себеси, да ги остварите вашите соништа и да постигнете само-реализација “. За втората книга „Во прегратките на љубовта“ од Д-р Емил Попорданоски, која е негова прва објавена збирка и содржи љубовна поезија инспирирана од неговата муза - сопругата Снежана, г-ѓа Пупалевска-Мицалевска, мегу другото прочита дел од предговорот на познатата современа поетеса Ана Бунтеска, во кое се вели: „ Оваа книга која веќе погоре ја нареков дека е своевидна ОДА за љубената жена, изобилува со едноставност и раскош, кои навидум се неспоиви, но Д-р Попорданоски со невидена леснотија успева на многу едноставен начин да ги прикаже сите слоеви на раскошната убавина кон објектот на неговата љубов и страст. Искреноста во зборот, милозвучноста и моја топла препорака да се прочита ова дело со музика во позадина, е ретка можност да се ужива со сите сетила“. И самиот автор Д-р Емил Попорданоски, во својот инспиративен говор потсети на значењето на љубовта за него лично но и за сите нас целокупно, потенцирајќи дека „..љубовата не е храна ама без неа храната е само збир од продукти. Љубовта не е вода ама и покрај вода има милиони жедни - жедни за љубов а не за вода. Љубовта не е облека ама ја топли душата - облеката ќе ти го стопли телото ама не и душата. Љубовта не е куќа ама од неа прави дом - без неа и најголемата куќа е само сениште“. Промоцијата, која беше збогатена со читање на делови од книгата „Да се живее поинаку – патување кон самореализацијата“ како и поезија од стихозбирката “ Во прегратките на љубовта“ пропратени со музика, заврши со потпишување на книгите од двајцата автори, меѓусебна дружба и вкусна закуска. Повеќе информации за книгите и активностите на организацијата „AnotherWay Life Education“ повелете на www.anotherwayeducation.org.
Дата: 6/7/2021


ПОЕТСКА МАНИФЕСТАЦИЈА ,, ВАНЧО НИКОЛЕСКИ" 20- МАРТ- 2021

По повод поетската манифестација „ВАНЧО НИКОЛЕСКИ” 2020 и четврта по ред годишница од основањето на МЛД „Ванчо Николески" од Квинбијан Австралија, на 20- март- 2021 се одржа голема прослава како и промоцијии на три нови дела:

- Промоција на зборникот Поетска манифестација,, Ванчо Николески" 2020. Промоција на романот Курбан од Велика Гатсис член на МЛД „В. Николески" Квинбијан Австралија и промоција на новата книга „Да се живее поинаку” од доктор Снежана Џамбазова Попорданоска Мелбурн Австралија.

За зборникот Поетска манифестација „В.Николески" 2020 зборуваше претседателот на литературното друштво Наум Трајчески. Меѓу другото истакна дека: „Овој поетски килим за прв пат од вакви размери е исткаен од шеесет и четири автори од целиот свет со македонско потекло, на македонски јазик. Збирката потврдува дека креативноста е насекаде околу нас. Во неа пребликнува шарено богатство од теми и мотиви извезени во свој стил, на свој дијалект и свој мајчин македонски јазик.

Низ стиховите збрани се сите чувства што не опкружуваат како живи суштества. Секој стих си има посебно значење како и секој поет- своја поетска големина. Еве токму во оваа пригода почитувани автори Вие ги посеавте Вашите омилени стихови во далечна Австралија преку мостот на поезијата со име МЛД „Ванчо Николески."

Затоа со задоволство слободно можам да кажам дека сите учесници сте и победници на оваа Поетска манифестација. Во мое име и во име на МЛД „Ванчо Николески" изразувам посебна благодарност до сите учесници за Вашето учество со надеж за поголема и поблиска соработка во иднина."

 

Дата: 3/23/2021