Кошничка

Имате 2 информации во вашата кошничка за печатење


Националната установа Центар за култура ‒ Крива Паланка по третпат ја организираше поетската манифестација „Вино преточено во љубов” на која учествуваа членови на Литературниот клуб „Калин“, кој работи во рамките на Библиотеката на установата. Манифестацијата е дел од програмата на Центарот за култура за 2021 година.

Мира Ѓоргиевска, директорка на Националната установа Центар за култура ‒ Крива Паланка, истакна дека како установа што работи во областа на културата, освен за другите дејности, паралелно води сметка за промоција и афирмација на пишаниот збор, негувајќи ја книжевната дејност во Библиотеката „Кочо Рацин” и Литературниот клуб „Калин”.

Инаку, Клубот има петнаесетина членови кои редовно творат и се дел од сите активности во рамките на годишната програма за литература.

Дата: 2/15/2021


Романот „Боксерот од Ново маало“ од авторот Владимир Плавевски, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја доби престижната награда „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2020 година. Наградата е дел од годишните награди што ги доделува Друштвото на писатели на Македонија, а одлуката ја донесе тричлено жири во состав: Игор Станојоски (претседател), Петре Димовски и Трајче Кацаров.

Во „Боксерот од Ново маало“ е прикажан животот и духот на Ново маало во старото Скопје и уникатната приказна за вистинскиот лик со измислено име, Ангел Тотевски или Шуре Катиљ, кој од уличен тепач станува успешен боксер во клубот „Вардар“ и маалска легенда. Голем дел од книгите на Плавевски гравитираат околу секојдневието во маалото каде што го минал детството, а таков е и случајот со „Боксерот од Ново маало“. – Израснат сум во Ново маало каде што го минав детството и основното образование го завршив во „Браќа Миладиновци“. Во тоа време, соседот ни беше поблизок и од роднината. Живеевме во една социјална маалска заедница.

Ние знаевме сè за соседите и тие знаеја сè за нас. Сите маала имаа маалски банди кои ги бранеа од други маала. Тука беа и главните кабадахии, водачи. На пример, ако ме истепале некаде ќе му кажев на Шуре Катиљот и кога ќе ги начекаше тие што ме тепале ќе им возврати со иста мера. Но, Шуре Катиљ од тие тепачки имаше здобиено алексија. Беше високо, силно момче, како Херкул. Повремено ќе го собереше милицијата, ќе поседеше еден месец во затвор и ќе се вратеше.

Еднаш беше шест месеци во „Идризово“ каде го советувале да се запише на бокс за да го смири тој свој нагон и следниот пат да не заврши во затвор со години. Тој тоа го сфати сериозно. Кога излезе од затвор дојде кај мене. Заедно отидовме во боксерскиот клуб, тренерот го провери и го прими. Уличните тепачки престанаа и со текот на времето стана дел од тимот на „Вардар“ – вели Плавевски.

Дата: 2/15/2021