Кошничка

Имате 1 информации во вашата кошничка за печатење


 Во галеријата на Локалната установа Градски музеј Крива Паланка синоќа беше отворена изложбата „50 години творештво на Мице Јанкуловски-Мицко".
Изложбата опфаќа триесетина дела од Јанкуловски, селектирани од куратор Корнелија Конеска.


-Задоволство е да се отвори годишната програма настани на музејот со ваква изложба која означува петдецениски јубилеј творештво на реномираниот автор, Јанкуловски. Ова е прва соработка на нашата установа со Светската галерија „Остен" за што упатуваме благодарност, изјави директорот на ЛУ Градски музеј, Драган Величковски.
На отворањето присуствуваше Роберт Алаѓозовски, посебен советник за култура во Владата.


-Му честитам на авторот што успеал да направи серија изложби и настани, збогатувајќи го културниот живот, без притоа да има голема поддршка од државата. Изложбата,овој опус на Јанкуловски, продефилира низ сите значајни Европски биеналиња и собра многу гран-при награди, така што како уметник, заедно со неговите колеги, дејствуваат како своевидни амбасадори на државата. Така, влегуваат и дејствуваат, остварувајќи соработка и во средини и земји во кои ние официјално и не сме воспоставиле соработка, па Мице Јанкуловски и колегите, се во овој сегмент чекор напред. Задоволство е да се има такви културни дејци и почестен сум што сум вечерва со вас, изјави Алаѓозовски.


Градоначалникот Борјанчо Мицевски рече дека Крива Паланка досега не била домаќин на уметничка изложба во ваков стил, посочувајќи дека авторот го заслужува сиот респект од локалната средина.
-Овде се изложени дела од форма 3, а моето творештво кое почнува уште на 15 години почна со форма 1, двете први фази беа кругови, бидејќи ме фасцинираше кинетиката. По мојата последна слика во боја, со 645 различни бои, посветена на моето Стоилово и мојата мајка, ги фрлам боите и четките и сфаќам дека треба да сликам само со црна боја. Врз платното со црна боја гребам со се што можам, нокти, шпакли, чешли, така што раката ми станува крило, а дишам низ бојата и можам да сликам со денови без престан. Гребејќи врз наносот боја врз платното ако има лајт-шоу, светлина што се движи и удира врз браздите, се забележува дека сликата е различна од различни агли. Така, согледувам дека она што сум сакал да го постигнам на 15 години, во 1969, со роторите, го правам со црната боја, која иако ја нарекуваат „не боја", таа ги содржи сите бои, изјави авторот Јанкуловски.


На настанот беше промовирана и публикација по повод 50 години творештво на Мице Јанкуловски.
Изложбата се реализира во соработка со Светската галерија"Остен", со поддршка на Министерство за култура и Општина Крива Паланка.

Дата: 3/5/2021