Еден од најталентираните фудбалери на австралискиот суперлигаш Мелбурн сити, Стефан Чолаковски прифати во иднина да настапува во македонскиот дрес.
По завршните разговори со селекторот на младата репрезентација Благоја Милевски, 20-годишниот Чолаковски и официјално ќе биде на располагање на репрезентацијата до 21 година низ квалификациите за пласман на ЕП 2023, со отворена желба потоа да го облече и сениорскиот дрес на Македонија.
„И дефинитивно може да кажам дека за престојниот квалификациски циклус во македонските редови ќе го имаме и Стефан Чолаковски, кој по нашиот последен разговор официјално се одлучи да игра за Македонија. Низ неколкуте разговори со Чолаковски, кои ги имавме и со тим-менаџерот на репрезентацијата Зоран Зафиров, јасна е на крајот определбата да биде на располагање на националниот тим“ – ни изјави селекторот Благоја Милевски.
Чолаковски прифати да биде со репрезентацијата и на мартовскиот меѓународен турнир во Анталија каде Македонија ќе игра со Словачка, Бугарија и со Казахстан, но само поради австралиските ковид-протоколи тоа во моментов е неизводливо.
„Планиравме првото негово приклучување да биде на турнирот во Анталија, но поради строгите здравствени протоколи во Мелбурн едноставно тоа во моментов беше неизводливо“ – дополнува Милевски.
Стефан Чолаковски (роден 2000 година) игра на деснокрилната офанзивна позиција. За првиот тим на Мелбурн сити, еден од најдобрите австралиски тимови кој е дел од групацијата тимови во сопственост на Манчестер сити, веќе има одиграно и 11 натпревари сезонава.
Стручниот штаб на младата репрезентација на Македонија и ФФМ се во преговори за ангажман и на младиот фудбалер од италијански Киево, Даниел Павлев во иднина да го носи националниот дрес, но досега нема потврда од негова страна на поканата да игра за македонската репрезентација.
|