Воздушниот пиштол, кој Шон Конери во улога на Џемс Бонд го држеше на постерот за филмот „Од Русија со љубов“ (1963 година), е продаден на аукција за 277.250 фунти (436.000 долари).
Пиштолот марка „валтер“ достигна десет пати повисока цена од почетната на вчерашната аукција во организација на аукциската куќа Кристи во Лондон.
За разлика од пиштолот на славниот таен агент, костимот на Дарт Вејдер, познатиот негативец од „Војната на ѕвездите“ не најде купувач, иако се очекуваше дека ќе достигне цена од 230 илјади фунти.
На аукцијата за 15 илјади фунти е продадено уште едно парче од оружјето на Бонд. Станува збор за пиштол, кој агентот 007 го користеше во филмот „Човекот со златен пиштол“.
Еден американски колекционер минатиот месец даде 2,6 милиони фунти за автомобилот „астон мартин ДБ5“ од 1964 година, кој Бонд го возеше во филмовите „Златен прст“ и „Операција гром“.
Меѓу останатите холивудски сувенири, кои вчера беа продадени во Кристи се модел на диносаурусот од филмот „Кинг Конг“ (1933) кој беше купен за 25 илјади фунти и металната кутија за црвеното око на компјутерот ХАЛ од познатиот научнофантастичен филм „Одисеја во вселената 2001“, која достигна цена од 17.500 фунти.
|