Македонското литературно друштво „Кочо Рацин“
и организацијата за личен развој „ Да се
живее поинаку“, и двете од Мелбурн,
Австралија, на 20-ти Мај 2021 година, во
прекрасната сала на библиотеката во Мил Парк,
Мелбурн, организираа несекојдневен настан –
промоција на две книги на македонски јазик од
брачниот пар Д-р Снежана и Д-р Емил
Попорданоски од Мелбурн. Книгите што беа
промовирани се најновата мотивациска книга за
личен развој „Да се живее поинаку - Патување
кон самореализацијата“ од авторката Д-р
Снежана Џамбазова –Попорданоска и уникатната
збирка на љубовна поезија „Во прегратките на
љубовта“ од Д-р Емил Попорданоски. Во
присуство на бројни гости, претставници на
Македонската Православна Црква, Македонскиот
конзулат во Мелбурн, членови на МЛД „ Кочо
Рацин“, пријатели, поддржувачи и љубители на
македонскиот пишан збор, за книгите зборуваа
претседателката на МЛД „ Кочо Рацин“
писателката Гордана Димовска, новинарката
Дијана Пупалевска-Мицалевска и двајцата
автори. За првата книга „ Да живее поинаку –
Патување кон самореализацијата“, меѓу
другото, г-ѓа Димовска истакна дека “ оваа
книга претставува неопходен водич кон
стекнување на духовна мудрост, себеспознание
и автентична среќа. Во суштина, оваа книга ја
обработува човековата свест на еден разбирлив
и уникатен начин, објаснувајќи ја врската
помеѓу нивото на индивидуалната свест и
нивото на човековата среќа. Поточно, книгата
детално ги истражува сите нивоа на човековата
свест, започнувајќи од најниското ниво на
свест– нивото на срам, до највисокото можно
ниво на свест–а тоа е нивото на
просветлувањето“. Потоа, во своето обраќање,
самата авторка истакна дека, читањето на
книга за личен развој е исто како да одите на
патување со авторот како ваш водич. Во текот
на ова возбудливо патување кон вашето себе-
спознавање, мојата намера е да разберете дека
животот може и треба да се живее поинаку. Ова
сознание ќе ви помогне да ја спознаете
вистината за себе, за она што навистина сте,
како и за сето она што можете да постигнете
во животот. Просветлени со ова сознание, ќе
можете да го креирате највозвишеното издание
од себеси, да ги остварите вашите соништа и
да постигнете само-реализација “. За втората
книга „Во прегратките на љубовта“ од Д-р Емил
Попорданоски, која е негова прва објавена
збирка и содржи љубовна поезија инспирирана
од неговата муза - сопругата Снежана, г-ѓа
Пупалевска-Мицалевска, мегу другото прочита
дел од предговорот на познатата современа
поетеса Ана Бунтеска, во кое се вели: „ Оваа
книга која веќе погоре ја нареков дека е
своевидна ОДА за љубената жена, изобилува со
едноставност и раскош, кои навидум се
неспоиви, но Д-р Попорданоски со невидена
леснотија успева на многу едноставен начин да
ги прикаже сите слоеви на раскошната убавина
кон објектот на неговата љубов и страст.
Искреноста во зборот, милозвучноста и моја
топла препорака да се прочита ова дело со
музика во позадина, е ретка можност да се
ужива со сите сетила“. И самиот автор Д-р
Емил Попорданоски, во својот инспиративен
говор потсети на значењето на љубовта за него
лично но и за сите нас целокупно,
потенцирајќи дека „..љубовата не е храна ама
без неа храната е само збир од продукти.
Љубовта не е вода ама и покрај вода има
милиони жедни - жедни за љубов а не за вода.
Љубовта не е облека ама ја топли душата -
облеката ќе ти го стопли телото ама не и
душата. Љубовта не е куќа ама од неа прави
дом - без неа и најголемата куќа е само
сениште“. Промоцијата, која беше збогатена со
читање на делови од книгата „Да се живее
поинаку – патување кон самореализацијата“
како и поезија од стихозбирката “ Во
прегратките на љубовта“ пропратени со музика,
заврши со потпишување на книгите од двајцата
автори, меѓусебна дружба и вкусна закуска.
Повеќе информации за книгите и активностите
на организацијата „AnotherWay Life Education“
повелете на www.anotherwayeducation.org.
|