3 јуни 2021 година, Мелбурн, Австралија
(превземено од TV IN Australia) - Метју
Божиновски е нашиот нов “кенгур“, фудбалер
кој е ново име на списокот во младата
репрезентација кај селекторот Боби Милевски.
Има 20 години, игра на позицијата стопер и е
член на ФК “Мелбурн Сити“ од Австралија. Ова
момче ќе го има своето деби за Македонија и
тоа во селекцијата до 21 година која на 3
јуни гостува во Словенија на пријателски
натпревар. Кој поминал и видел на терените на
ФФМ не можел да остане рамнодушен.
Младо момче со тренерот Роберт Стојановски
(помошник на селекторот Милевски), со посебен
тренинг. Кој е ова!? И веднаш одговор:
Момчето од Австралија - Божиновски. И што да
се види - планина! Висок 1,95 - топката се
чини пука кога ќе ја шутне.
Таква сила, таква моќ… реткост за фудбалер,
со шпиц да ти е страв да влезеш во дуел со
него.
“Дојдов неколку дена порано, да се прилагодам
- среќен сум што ете ќе играм за Македонија“,
- ни коментира Метју Божиновски кој разбира
Македонски јазик но зборува како и сите
нашинци од петтиот континент со микс на наши
и зборови од Англискиот јазик.
“Моите родители се од Македонија. Татко ми од
Битола а мојата мајка е од Прилеп. Втор пат
сум тука, бев во зимата 2017 година“, -
појаснува ова младо но робусно момче кое
прска со својата позитивна енергија и
насмевка на лицето која кажува дека е среќен
што е тука. За тоа каде игра, што прави во
Австралија, Божиновски одговара:
“Играм за младинскиот тим на ‘Мелбурн Сити’.
Кога ја добив понудата да играм за Македонија
немаше дилеми. Со моите родители експресно
прифативме. Мојот сон е да играм во Европа,
во некои од најсилните лиги и мислам дека тој
пат ќе биде полесен со настапите за
Македонија“.
Младиот стопер има информации за фудбалот во
Македонија, секако ги гледал настапите на
сениорската репрезентација: “Среќен сум што
Македонија ќе игра на Европското првенство.
Се надевам дека во иднина и јас како дел од
оваа репрезентација ќе успеам да играм на
голем турнир. Од клубовите во Македонија ги
знам Пелистер, Победа и Вардар. Во Австралија
покрај мојот ‘Мелбурн Сити’ ги сакам и
‘Престон Лајнс’ на нашите иселеници во
Австралија. Како член на младиот тим на
Мелбурн играм против нив. Мојот вујко играше
за Престон…“, - вели оваа наша дефанзивна
надеж кој со 1,95 секако е еден од
највисоките фудбалери кои некогаш го носеле
дресот на Македонија!
Веста е превземена од Фб страната на World
Macedonian Congress Canada
|