Веста за научникот од Македонија од Њујорк универзитетот и за неговото фасцинантното откритие за ефикасно спречување на вирусната инфекција на човекови клетки, за која веста беше објавена пред неколку дена во многу светски списанија , предизвика неверојатен интерес во јавноста, со што влезе во категоријата на најчитани и најсподелувани вести во земјава и во регионот. Текстот се најде во речиси сите светски и македонски медиуми . Тоа беше повод да се поразговара со д-р Данилоски. Во онлајн интервјуто, нашиот соговорник открива многу интересни моменти за неговата научноистражувачка работа, за новите резултати од истражувањето поврзано со ковид-19, кое беше објавено во престижното научно издание „Cell“ (клетка) како и за неговата кариера, која е импозантна за неговите 30 години. „Науката е макотрпна наука и се движи инкриментално, или чекор по чекор. Моето истражување е само еден мал чекор во таа насока. Се надеваме дека со нашето откритие и дополнителни клинички испитувања ќе се придонесе за поефикасни третмани во иднина“, вели нашиот соговорник…Младиот научник, доцент д-р Данилоски, е израснат во Кичево, до средното училиште живеел во Македонија, додипломски студии завршил на Јакобс Универзитет во Бремен, Германија, насока Молекуларна и клеточна биологија, а магистратура и докторат во Њујорк универзитет – Медицински центар, Њујорк, Америка, каде што моментално работи како доцент доктор. Таму, има можност да применува најнови биотехнолошки методи за манипулација на човечкиот геном, за да открие и да развие нови третмани во лекување на ракот. Данилоски е еден од научниците кои се високовреднувани во развиениот свет, за своите истражувања е добитник на неколку меѓународни признанија.
|