Роден во Врање, а по потекло од Куманово, својот ракометен пат го почнал уште како второоделенец во родното Врање. Судбината го донесе во Скопје на проба во Металург, а самиот вели дека бил пресреќен кога после првата проба добил понуда да заигра за тимот од Автокоманда. Интервју со Михајло Младеновиќ младиот лев бек на Металург.
Роден сте во Република Србија, но по татко имате корени од Куманово, што прво ве асоцира на Скопје?
Првото на што ме асоцира на Скопје е пред се ракометот, затоа што уште како мал слушав дека во Скопје има добри школи за ракомет.За ракометот, од своите тренери научив многу, но сепак сакав да напредувам. Спој на различни околности, а знаејќи дека во Скопје ракометот е на едно високо ниво, одлучив да дојдам тука. Овде имам можност да учам од врвни и квалитетни тренерски имиња и да напредувам во својата кариера, воедно тоа е и мојата најголема желба.
И ако сте млад спортист, зад себе имате големи успеси во вашата спортска кариера, од каде желбата за спортување и зошто го избравте ракометот?
Како мал заедно со татко ми посетувавме ракометарни натпревари. Атмосферата на натпреварите секогаш беше преубава, полна со позитивна енергија и на теренот и надвор од него и тоа доста ме привлекуваше. Додека сите мои пријатели се запишаа за да тренираат фудбал, јас одлучив да го изучувам ракометот и како времето поминуваше така знаев дека никогаш не погрешив во изборот.
На што ве научи спортот?
Спортот, сам по себе бара одговорност, одрекување и доста вложување. Тоа се трите основни работи на кој спортот ме научи, како и тимската работа и почитувањето на одлуките на другите. Мислам дека сето ова може да се пренесе и во секојдневниот живот, затоа што дисциплината во се е корисна и ефективна.
Се сеќавате ли на вашите први тренери, на што ве научија истите?
Моите први тренери никогаш не можам да ги заборавам, затоа што истите тие ме воведоа во светот на ракометот и ме научија на основните нешта кои ми се потребни за да изградам својата кариера.
Како започнува денот на еден спортист, што се е потребно за да се успее?
За секој спортист е важна дисциплината во текот на денот, а тоа пред се’ е квалитетен сон, начин на исхрана и самоиницијатива за индивидуална работа и максимална посветеност на тренинзите.
Сосема случајно, судбината од Врање ве донесе во Скопје, на проба во Металург, а по тоа добивте понуда да заиграте за тимот на Автокоманда, што значи за вас да играте во овој тим, воедно играте на позиција на лев бек?
Сите знаат дека Металург, како тим секогаш избира млади и талентирани играчи. Клуб кој има голема историја и познат е во Европа. Многу сум горд што веќе неколку години сум дел од овој тим и што можам да учам и напредувам на позицијата лев бек. Играјќи за Металург, ми се отвори можноста да играм во СЕХА лигата и Лигата на шампиони, каде можев да видам доста квалитетни тимови и играчи, што за мене е едно важно искуство.
Што за вас значи Лино Червар?
Лино Червар е големо име во ракометот, тренер кој зад себе има голем успех и познат е по тоа дека дава шанса на младите играчи. На мое огромно задоволство, токму кај овој реномиран тренер, на свој шеснаесет години добив зелено светло, за да бидам дел од тимот на Металург.
Каде се гледате себе како спортист во следните 10 години, кој клуб е вашата неостварена желба за иднина?
Јас би сакал за 10 години, себе си да се видам на завршниот турнир на Лига на шампиони, верувам дека тоа е желба на секој ракометар. Моите идни планови пред се’ седа учам и да напредувам во клубот во кој сум во моментов, а тоа е Металург, а за во иднина, ќе видиме.
Кој е вашиот омилен ракометар, дали можеби истиот ви е пример за тоа како се гради една успешна ракометарска кариера?
Мој идол е Никола Карабатиќ, еден од најкомплетните играчи на светот. Мислам дека тој е прав пример како еден играч треба да се однесува на теренот, но и надвор од него. Морам да признаам дека тука можам да го сместам и Вук Борозан, кој исто така ми се допаѓа, поради силната игра, би сакал да го следам неговиот пример.
Како го исполнувате вашето слободно време, кој е Михајло во слободно време?
Воглавно своето слободно време го користам за одмор, но се трудам да одвојам време и за дружење со моите соиграчи и пријатели. Сакам да бидам во добро и весело друштво, да се дружам со позитивни луѓе, да изгледам добар филм или добар ракометен натпревар.
Што ќе им порачате на сите кои го читаат ова интервју?
На сите кои го читаат овој текст сакам да им порачам дека мора да веруваат во она што го сакаат, но исто така мора да знаат дека за да се оствари една желба, мораат да вложат голем труд и работа, но и од голем број работи да се откажат.
|