Кошничка

Имате 1 информации во вашата кошничка за печатење


Зарем има нешто поубаво од безграничната можност за игра, во светот на емоцијата и емпатијата! Интервју со Јелена Јованова, една од најпознатите македонски актерки. Разговараме за нејзиниот професионален ангажман, а ќе се потсетиме на веќе изминатите успешни проекти.

1. Родена сте во Бања Лука, Босна и Херцеговина, вашата мајка е од таму, а вашиот татко е од Штип, поради војната во Босна вашите родители се преселуваат во родното место на вашиот татко, на што ве потсетува Штип?

– Штип е дом, слобода и љубов. Еден храбар собирач на соништа со неповторлив карактер! Штип дише поинаку од секој друг град! Тој е битен дел од мојата лична приказна, кој никогаш нема да го игнорирам ниту заборавам. Напротив гордо го носам и знам дека духот на тој град во голем дел го обликуваше мојот!

 

2. Од вашата најрана возраст покажувате афинитет кон уметноста, во средношколските денови ја започнувате вашата актерска кариера, набргу потоа во 2002 година ја добивате наградатата за најдобар млад актер, а по тоа се запишувате на додипломски студии на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што во класата на професор Владо Цветановски дипломирате актерска игра. Што за вас значи уметноста и актерската игра? На што ве научи професорот Владо Цветановски?

– Зарем има нешто поубаво од безграничната можност за игра, во светот на емоцијата и емпатијата! Ако мене ме прашате го имам најпрекрасниот занает на светот. Имав среќа и да студирам кај најдобрите професори Владо Цветановски и Мими Таневска. Алатот што го добив од нив до денес не е потрошен ами потребен и точен. Чист ум и отворено срце! Тоа е нивниот метод и за мене поточен не постои. Ни за во животот надвор од сцена ни за оној на.

 

3. Во 2011 година, како најмлада актерка бевте дел од холивудската филмска продукција, работевте на филмот „Во земјата на крвта и медот”, кој е режисерско деби на познатата светска актерка Анџелина Џоли, како дојде до соработката со Анџелина Џоли, кое искуство со себе го понесовте по завршувањето на снимањето на филмот, каква подготовка е потребна за еден млад актер биде дел од тој свет?

– Беше тоа едно преубаво искуство за кое сум зборувала многу. Никогаш нема да го заборавам и гласно сонувам да ми се повтори. После тој фил работите се променија. Моите аспирации за кариера надвор пораснаа затоа што видов дека тоа и не е така невозможно. Се отворија нови врати, некои од нив сама ги затворив, некои пак шанси и искористив. Сакам да верувам дека се е така какао што требало и треба да биде.

4. Веќе неколку сезони работите на тв серијата „Преспав”, ликот на рецепционерката Јелена од Драчево, кој е еден од неколкуте комични ликови во серијата, како се подготвувавте за ваков вид на улога и колку е поразлично градењето на лик од тв серија со лик на филмското платно или пак театарска улога?

– Убавината во работење на такви долги формати како ТВ серија е во можноста на постојано развивање на ликот. Просто имаш повеќе време и простор за тоа. Сакам кога имам можност добро да пливам во жанрот комедија и да испливам. Посебно не на ТВ во ситком затоа што пак никогаш за истото не сум имала шанса. Кога ќе видам како и колку публиката го прифаќа она што го правам – срцето ми е полно и на место! Нема ништо поубаво од тоа па после секоја емитувана епизода добиеш порака со содржина: „неизмерна е радоста што ти со Јелена од Драчево ја носиш во нашиот дом”! Тогаш знам дека трудот е препознаен и дека сум на правото место. Благодарам драга публико!

5. Бевте дел од екипата на „ Ловци и вештерки”, филм кој ја освои наградатата за најдобар филм во Торонто. По што ќе го паметите овој детски филм наменет за сите возрасти?

– По маската на вештерката што ја носев, фасцинантен е целиот процес на нејзино создавање. Цели шест часа ја “облекував” вештерката. Толку траеше монтирањето на целиот костим и шминка пред секое снимање! Тешко е да се заборави таквото искуство.

 

6. Игравте во шпанскиот филм „Ел десентиеро”, каде што првпат глумевте на шпански. Како го изградивте ликот?

– Не постои посебна и едноставна формула за тоа. Барем не кај мене. Секој лик носи нешто свое и бара поинаков пристап. Овде бидејќи јазикот беше потенцијална пречка се трудев да ја оживеам Вера и целата нејзина приказна без зборови. Како еден нем филм. Си дадов таква вежба и се забавував. Кога заминав во Шпанија со пробите таму сето тоа си се доразвиваше, а пополека почнав да го совладувам и текстот кој секојдневно трпеше промени. Таквата ситуација ми направи поголема сопствена мобилизација па успеав и да научам многу повеќе од јазикот, повеќе од што очекував. Се надевам ќе имам шанси повторно да заиграм на шпански!

7. Во 2013 година започнавте со снимање на хрватската серија „Тајни”, на снимањето го запознавте вашиот сопруг, хрватскиот актер Стјепан Периќ, како произлезе соработката за снимањето на оваа серија?

– Креативниот продуцент на серијата не беше задоволен од кастинг изборот во Хрватска решил да го прошири истиот и во Србија и во Македонија. Знам дека беа поканети неколку глумци и од кај нас и од Белград. Конкретно до мене дојдоа откако ги изгледале филмовите „Како да ме нема” и „Во земјата на крвта и медот”. Ме исконтактираа, ми пуштија кастинг материјал кој го снимив и изработив во тој момент најдобро што умеев. Го пратив. По неколу дена добив покана да заминам во Загреб за последниот круг. Заминав, го сработив своето и ја добив улогата. Неизмерно сум благодарна на довербата што ми беше укажана.

 

8. Колку вашиот сопруг ви дава поддршка во работењето, сооглед дека имате иста професија?

– Ретко кога работата ја носам дома иако и двајцата сме од иста професија. А таквиот момент ме радува, многу. Тоа никако не значи дека не знаеме и не разбираме што работи другиот. Се пратиме и поддржуваме. Се трудиме да се развиваме заедно, но секој под своето сонце и не во сенка на другиот. Ни професионално, а уште помалку приватно.

9. Да не бевте актерка, што друго ќе работевте?

– Тешко ми е да се замислам како работам нешто друго. Можеби психодрамата како психотерапија која од ден на ден се’ повеќе ме интересира би била некој следен позив. А ако некогаш се охрабрам и имам слободно време плус би лансирала и своја линија на облека. Во својата фиока со мал милон приказни за цели, колекции сега за сега уживам скришно само јас. Но, никогаш не вели никогаш!

10. Доколку во иднина имате можност да го пренесете своето искуство и знаење до помладите генерации на актери, што прво ќе ги советувате? Што е потребно за да се биде врвен актерски професионалец?

– Ако сте го нашле она што ве исполнува, што ви дава мир и ве држи будни навечер, на што ве тера на подобрата верзија од вас самите, она со кое растете и се развивате, она поради кое се бунтувате за истото да биде подобро, она што ви го одржува пулсот тогаш е јасно. Зграпчете го и бидете најдобрата верзија во тоа. Талентот без работа венее и ја губи флексибилноста. Загрејте го срцето и умот и среќно!

11. Млада и амбициозна личност, со огромно работно искуство зад вас, кои се вашите идни професионални планови?

– Миговно се случува и развива нешто посебно за кое се уште не би зборувала. До крајот на годинава веќе имам договорено и два нови проекти на кои неизмерно се радувам. Нека сите убави работи бидат повод за нова средба и соработка.


12. Покрај големиот професионален ангажман, како го исполнувате вашето слободно време?

– Времето за себе мора да постои и мора да се најде. Со годините научив како почесто да си го земам и допуштам затоа што тоа е моментот кога се собирам, се полнам, се слушам себе си, се анализирам на начин да не се парализирам, растам ментално и физички за да бидам спремна за се останато. Кога се имам себе си на тој начин многу, поквалитетно знам да го уживам времето со мојот сопруг, да се видам со пријателите за кои обожавам да готвам. Читањето на книги, гледањето на добри филмови и серии, слушањето на добар подкаст се исто така моменти кои знаат да ме исполнат.

13. Која е вашата порака до сите читатели на ова интервју?

– Верувајте!

 

Дата: 1/20/2021