Неодамна од печат излезе третата по ред стихозбирка насло-вена „КОПЧА“ на нашиот сонародник Душан Ристевски, кој од 1973 година живее и твори на петтиот континент, поточно во Сиднеј. Неговиот најнов ракопис „Копча“ содржи четири циклуси: Тајни на природата, Чекори кон празнини, Во Грингила приквечер и Љубовен шепот, во кои се распоредени 42 песни, коишто сите заедно претставуваат една прекрасна поетска целина.
Душан Ристевски како лирски поет е автор на уште две објавени збирки песни „Полутици“ (1984) и во 1989 година издадена двојазично на англиски и македонски јазик и „Страдалници на сонот“ (1992). Потоа следуваат монодрамите „Мајка“ – изведена во Сиднеј и во Прилеп на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ (1990) и „Неда“ одиграна во Сиднеј (1996). Со својата поезија е застапен во повеќе зборници и антологии.
Инаку, Душан Ристевски е роден на 22 февруари 1954 година во Битола, Република Македонија. Завршил Виша социјална школа, дипломирал на Факултетот по социологија и магистрирал 1996 г. на Факултетот по социологија и хуманистика во Сиднеј. Тој е еден од најактивните и најценетите македонски општествени дејци во Австралија.
Член е на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ од 1978 година, член на Друштвото на писателите на Македонија е од 1988 година и член е на Друштвото на новинарите на Македонија од 1989 година.
Старичка седната пред порта
на триножник сама
забрадена во црна шамија.
Куќата и душата
свртени кон Стилворк.
Каде сте млади години
каде сте таксири
судбини
гробишта ?
Огнета уште го нема од работа…
Судбина
туѓина.
Што ќе ви кажам ?
Пред пензија…
Од шеснаесет години
пораснав со лопатата
колички ќумур руда…
Од згурата
деца пораснав
изучив
оженив.
Колку што сомуни изедов
толку и прашина изголтав
а животот
нема крај.
Песна ?
Изумив
овде ни уста
да се отвори !
НАГОНИ
О колку сакам
да те допрам
и да ја почувствувам
твојата топлина
О колку сакам
да те приклештам
во мојата прегратка
и да ја галам
твојата убавина
О колку сакам
да те бакнам
и да ги впијам усните
опојни и сочни
О колку сакам
да го слушам
твоето издишување
и нежниот шепот ….
ОКО НЕБЕСНО
Око на ужасот
стравот и презирот
Око на плачот
гревот и срамот
Око на жалост
младост и палавост
Око на сонови
нежност и милување
Око на љубов
желби и нагони
Око небесно и свето
убаво и ангелско
Око мое небесно …….
(песни од стихозбирката „Копча“)
подготвила и избор: Д. Ангелова
|