Познатата светска оперска пејачка Ана Синицки со свое интервју за Агенцијата за иселеништво. Успешен мецосопран со потекло од Македонија. За сите нејзини успеси на професионален план, но и за убавите спомени од Македонија во продолжение...
1. Вашето потекло е од Македонија, но за потребите на вашето високо образование се преселувате во Белград, Србија, каде што стекнувате диплома за музички перформанси, а по ова ги продолжувате на мастер студиите во САД на универзитетот Јеил. Oд каде желбата да се занимавате со музика? Дали можеби некогаш сте сакaле да бидете и нешто друго освен оперска пејачка?
- Иако моето потекло е од Македонија, родена сум во Белград и детството го поминав таму, исто така многу време поминав и во Македонија, поточно сите лета и зими како дете и тоа сигурно ме обликува во личност каква сум денес. Има еден интересен, но и духовит факт кој често го слушам од различни страни, а тој гласи вака: „Кога одиш низ Србија немој да играш затоа што таму сите знаат добро да играат. Кога одиш низ Босна немој да пееш, затоа што таму сите знаат добро да пеат, но кога одиш низ Македонија, немој ни да играш ни да пееш - таму сите знаат и да играат и да пеат!” Заклучокот е дека моето потекло и мојата фамилија, која иако докторска и музички е образована, има големо влијание врз мојата одлука да се занимавам за музика, но исто така и верувам дека сите се раѓаме со талент и предиспозиција за нешто, а на нас е да одлучиме дали ќе му се посветиме на тој талент или само ќе бидеме среќни што го имаме. Моите интересирања исто така се сестрани и кон страни јазици и патувања. Имам голема потреба секој ден да се усовршувам на разни полиња покрај музиката и многу ме чини среќна кога нешто ново ќе дознавам и научам. Затоа и дипломирав, покрај оперско пеење на Музичка академија, и на Факултетот за банкарство и трговија како и на Факулуетот за менаџмент во уметноста. На полето на музиката, се изразувам и како композитор и писател на стихови за песните кои ги компонирам. Исто така, и како професор по пеење и музика се осеќам одлично и имам секогаш желба да моите знаења ги пренесам на деца и на возрасни.
2. Долг е вашиот список на настапи во врвните европски куќи, со уште позначајни улоги во најзначајните оперски куќи низ светот, кој од настапите е за вас најзначаен, со кој се имате за првпат претставено пред јавноста?
- Најзначни настапи за мене се пред деца и посебно пред деца без родители затоа што тогаш добивам некоја необична енергија од публиката, која не може да се спореди со ништо друго. Насмевката од едно дете вреди како сите други големи успеси во кариерата.
Еден од моите први настапи беше кога имав 5-6 години, пред различна публика, тогаш ја имитирав некоја од познатите поп пеачки и веќе тогаш знаев дека со пеење можам многу подобро да се изразам него со зборови, а не бев ни срамежлива и ја доживеав сцената како нешто пријатно. Со оперски професионални настапи почнав уште како студент и се радувам дека од почеток публиката ме прифати и ми даваше секогаш поддршка да одам понатаму.
3. Вашиот прв албум „MI ALMA“, е објавен во 2017 година. Албумот располага со уникатна синтеза на класичната и поп музика, вклучувајќи оригинални композиции. Што ве инспирираше за да создадете ваков албум?
- Најповеќе ме инспирираше тоа што приватно слушам различни музички жанрови покрај класичната музика и имав секогаш желба да мојот глас го спојам со сите тие правци и песни кои во слободно време ги пеам за себе и за моето друштво. Од стари македонски песни, преку руски цигански и француски шансони, до шпански брз ритам и песни во стилот на Бочели овој албум ја искажува мојата душа и баш така и го нарековме –MI ALMA, на шпански Моја Душа. На албумот најповеќе се нови, авторски нумери но и две обработки а тоа се „Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо” како и „Париски локал” од Корнелије Ковач. Се радувам дека на овој албум по прв пат се изразив и како композитор и текстописец. Во оваа ера на компјутери, кога можеме полесно да се поврзуваме и песните можат полесно да им бидат достапни на слушателите, се одлучив баш затоа цел албум да го поставам за слушање на мојот веб сајт www.anasinicki.com
4. Покрај светските градови, имате настапувано и во градови низ Македонија и во Србија. На фестивали во Скопје, Битфест фестивалот во Битола, Денови на белградскиот фестивал во Белград, како и во Белградско Градско собрание, концертната сала Сава Центар, Народниот театар во Белград, Српскиот народен театар во Нови Сад, во Воената сала во Белград и Ниш. Што повеќе преферирате, настапи на оперските сцени или настапите на концертите кои неопфаќаат оперско пеење?
- Подеднако се радувам кога настапувам и на оперска сцена и на концертен подиум така што најважна ми е музиката која ја изведувам. Ако тоа што го изведувам мене ме чини среќна тогаш не ми е битна салата, а ни жанрот. Се повеќе пеам кросовер (crossover) жанр кој го спојува мојот оперски глас со различни музички жанрови и тоа е како една мисија, да сите оние што немале прилика, а можеби имаат желба да слушаат опера можат малку да и се приближат со ваков репертоар, а на сите оние кои што се вљубеници на класичната музика им дава мал премин од оперски дела, а сепак слушаат некој кој е школуван пејач.
5. Списокот на ваши настапи во врвните европски куќи е долг, со значајни улоги во најпрестижните оперски куќи низ светот. Сте настапувале со најпрестижните оркестри во Италија, Москва, Шпанија, САД, Русија. Кој од овие настапи ќе го паметите најдолго и зошто?
- Ако ги ставивме моите веќе спомнати настапи пред деца на прво место, на второ место би можела да ги поставам подеднако настапот во САД, каде што ја изведов по прв пат улогата на грофот Орлофски од оперетата Лилјак (J.Strauss) како и настапот на фестивалот во Твер во Русија каде што освојив 3. место во конкуренција од 400 учесници за изведување на словенска музика, а исто така и настапот во Италија, во улогата на Пепелашка (G.Rossini). И настапот пред македонската публика минатата година беше доста емотивен – во првиот ред седеа моите родители и пријатели кои ме познаваат уште како мала и затоа имав уште поголема трема и желба да концертот биде најдобар до сега и да се создаде таа магична атмосфера меѓу публиката и мене. На крајот, сите аплаузи и враќања на бис неколку пати ми направиа големи впечатоци и тоа се спомени кои ќе ги паметам засекогаш.
6. Во својата биографија забележувате најзначајни улоги како: Кармен во Кармен, Пепелашка во Пепелашка, Третата Дама во Волшебната Флејта, Марселина во Свадбата на Фигаро, Џамиле во Џамиле, Консепсион во Шпански Час, Анита во Навараис, Убавата Дулчинеја во Дон Кихот, Корнелија во Јулиј Цезар, Сузи во Ластовица, Филипиевна во Евгениј Онегин, Купидон во Орфеј и Ана Петровна во операта Петроград. Која улога е најблиску до вашиот карактер, а која сакате да ја толкувате во иднина?
- Најблиску до мојот карактер можеби е улогата на Изабела од операта Италијанка во Алжир (G. Rossini). Главната улога ја толкува Изабела која е дојдена од Италија во Алжир да го најде својот драг Линдоро. Таа можеби во почеток е уплашена како тоа да го направи, а се наоѓа во муслиманска земја, но многу бргу сфаќа дека се е во нејзините раце и дека ако нешто сме наумиле нема сила која ќе не спречи да го направиме тоа. Битно е само да го сакаме тоа доволно јако.
Една од омилените улоги ми е и Кармен која би сакала пак да ја изведам во блиската иднина. Предизвик е да се биде во улога на некој кој потекнува од сосема поинаква средина, со разни неверојатни методи се служи во животот, а пак на крајот испаѓа праведна. Тоа е забавно и возбудливо за една глумица која пее. Ако ги додадеме на тоа сите шпански мелодии и ритам кои провејуваат во операта како и танчерски и заводливи точки ова е една од најсложените улоги кои ја прават една уметница комплетна.
7. На што ве асоцира Македонија?
- На многу работи : на искрена и безусловна љубов, гените, музика, радост, многу ладно и многу жешко време во Битола, детството, пријателство со разни големи македонци во Македонија и надвор од неа.Списокот е долг!
8. Кои се вашите идни планови, со што ќе ја изненадите македонската јавност?
- Планот е да, како велат србите :„Певам и зло не мислим”. Шега на страна, во Македонија планираме неколку настапи во оваа година, на различни фестивали на кои по првпат ќе настапам, но се дури не одредиме точен датум не би кажувала повеќе, а македонската публика благовремено ќе ја известиме каде и кога ќе биде тоа.
9. Што ве научи вашето секојдневно патување и творење низ светот?
- Дека сме сите дел од една голема целина која треба да се трудиме да ја направиме поубава за сите околу нас. Во мојот живот, уметнички и секојдневен, има место само за љубов и желба да со мојот глас и со моите композиции го разубавувам светот.
10. Што ќе им порачате на читателите на ова ваше интервју?
- Би има порачала повеќе да се сакаат себеси, не толку во себична смисла колку во смисла да имаат безусловна љубов за своите карактерни особини, за сето она што го направиле дека баш така требало да биде и исто така би сакала да им порачам да имаат голема љубов и повеќе разбирање кон луѓето околу себе. Само така сите ќе бидеме посреќни и поуспешни на сите полиња. Лесно е
|