Едната рака ми е македонска, другата романска, која и да ја исечете ќе боли – Д-р Марјан Михајлов е еден од најпознатите Македонци во Букурешт „Чувствата секогаш ми се за Македонија, но со разумот сум секогаш во Романија. Едната рака ми е македонска, другата романска, која и да ја исечете, ќе боли подеднакво“, горделиво и полн со емоции, специјално за ММС зборува доктор Марјан Михајлов физиотерапевт кој живее 21 година во главниот град на Романија, Букурешт. Марјан Михајлов, 39-годишниот лекар, е по потекло од Три Чешми во близина Штип. Заминал во Букурешт откако добил стипендија за студирање и продолжил да живее и твори во романската престолнина. Сопругата му е Романка со која имаат две деца.На Марјан му беше необично како новинари од Македонија успеале баш него да го најдат среде Букурешт, но беше возбуден и почестен од можноста да се дружи со луѓе од неговата родна земја за која се уште зборуваа со воздишка. – Можам да ви бидам и такси ако сакате. Го познавам секое ќоше на Букурешт затоа што по цел ден сум во автомобил. Работам во Ургентниот центар на државната болница, работам дополнително и во приватна клиника, а ангажиран сум и како инструктор во академија за медицинска едукација – рече Марјан во автомобилот додека возевме кон Друштвото на Македонците во Романија. Докторот е потпреседател на ова друштво и постојано е активен затоа што работата му легнала откако дошол да живее во Букурешт. – Наоѓам време да бидам тука со своите, да се дружам и да ги слушам анегдотите на постарите. Иако не сум новинар, го правам и нашето списание, а организирам и изложби со слики и носии. Ние Македонците навистина сме посветени на одржување на корените и традицијата – објасни Марјан. Во друштвото ги затекнавме и претседателката Лура Рогобете која во своето семејство е трета генерација на Македонци кои живеат во Романија, а нејзиното семејство потекнува од прилепско, како и пратеникот од македонско потекло, Јонел Станку кој ги застапува правата на Македонците како малцинство во романскиот парламент. Марјан Михајлов вели дека Романија како земја се грижи многу за правата на сите малцинства, интегрирани се во општеството и имаат подеднакви услови за напредок. Единствено не се дозволени кавги помеѓу одредени етнички заедници на романска територија. – Доаѓате тука, ви плаќаат за да студирате, ви овозможуваат да работите и творите на својот јазик. Ние можеме да учиме на својот мајчин јазик и со години имаме и свој претставник во парламентот. Државата помага финансиски и во случај да немате доволно за живот, помага и да создадете нешто, но бара отчет за сработеното и бара резултати. Во Романија е пријатно да си странец – додаде д-р Михајлов пред да седнеме во еден од најстарите и најпознатите ресторани во Романија. Со добро пиво и одлична романска храна, разговорот веднаш отиде во правец на фудбалот. Докторот спомна дека пред три месеци кога Македонија и гостуваше на Романија во квалификациите за Светското првенство, бил ангажиран од Романската фудбалска репрезентација да им биде домаќин на нашите фудбалери и тоа му било голема чест.
Специјално за ММС од Букурешт: Орце Костов
Превземено од ММС медиум